Локалитет Калин Камен Сместен на падините на Осоговието, над манастирот „Св.Јоаким Осоговски“ и оддалечен околу 10 км од Крива Паланка, локалитетот Калин Камен е природен бисер кој ги привлекува посетителите со својата питомост, боровата шума, патеките под шумливите брези, дивите јагоди, лековитите билки и изобилството на шумски печурки.
Посебен бисер што го краси овој локалитет е езерото на Калин Камен, некогашните Влашки колиби со бачило, планинската и ловечка куќичка , видиковци, излетнички места, мал рекреативен центар со реквизити, ливадите со јаглики, мајчина душица, див лук, боровинки, шипинки.
Топонимот Калин Камен е од легендата за убавата Калина на која и се восхитувалтурскиот ага, кој ја грабнал и ја затворил во својата палата. Не сакајќи да ја смени својата верата и да се потурчи, една ноќ побегнала и се упатила кон каменот под Царев Врв и скокнала од високата карпа.
На Калин Камен има викенд населба, изграден е угостителско-сместувачки објект, и посетителите можат да уживаат во привлечниот амбиент во сите годишни времиња.