Кривопаланчани негуваат посебен култ кон својот патрон и заштитник „Свети Јоаким Осоговски“ кој се прославува на 29 август. На овој празник во Крива Паланка и во манастирот се собираат огромен број верници и посетители од државата и од странство. Кулминација на прославувањето е водосветот и сечење на славскиот колач, под чиноначалствување на Митрополитот Кумановско-Осоговски, Владиката Григориј.
Ноќта помеѓу 28 и 29 август во манастирскиот коплекс се слева река народ од околу 30.000-40.000 посетители. Гостите се поклонуваат пред моштите на чудотворецот-заштитник на светиот храм, традиција е да се вкуси и од автентичната храна што се нуди во изобилство, како и да се купи нешто за здравје и среќа од бројните сувенири и традиционални производи. По повод патрониот празник, Општина Крива Паланка е домаќин на бројни гости-високи државни делегации, амбасадори, претставници на збратимените градови од Белгија, Србија, Полска, Бугарија, Романија, Словалка, Украина, Германија, Хрватска и други. Се организираат изложби, концерти, промоции, посети на туристички атракции во околината.